Автор: exo99
Дата: 03-11-10 15:40
Пиринска мома го води Бразил
Татко и' на Дилма, Петар Стефанов Русев, е роден во Габрово, во Пиринска Македонија, а во 1929 година емигрирал поради прогонот на комунистите
Дилма Вана Русеф, првата жена-претседател во историјата на Бразил, има македонско потекло. Ова, барем, го тврдат корисници на социјалната мрежа „Фејсбук“, а го пренесува и софиската новинска агенција „Новините“.
Порталот укажува дека етничката определба ќе биде проблем плус за лидерката на Бразил, која веќе ја сметаат за една од петте најмоќни лица на светот.
Татко и' на Дилма, Петар Стефанов Русев, е роден во Габрово, во Пиринска Македонија, во Бугарија. Како активист на илегалната комунистичка партија, Петар во 1929 година избегал во Франција, а неколку години подоцна и во Бразил, каде што си го сменил името во Педро Русеф. Се оженил за учителката Дилма Жана да Силва, со која ги добил децата Игор, Дилма Вана и Жана Лусија. Малку се знае за родителите на Петар - таткото Стефан и мајката Цана, кои живееле во Габрово.
Дилма Вана Русеф, која има 62 години, ќе раководи со земја што има над 200 милиони жители и која е политички и економски лидер во Јужна Америка. Домашните медиуми ја нарекуваат „железната дама“, односно бразилската Маргарет Тачер, а во светот ја споредуваат со германската канцеларка Ангела Меркел и американската државна секретарка Хилари Клинтон.
Како дете сонувала да биде балерина, ги обожавала делата на Пруст, Зола и на Достоевски, но најмногу идејата на пролетаријатот, бидејќи во тогашната бразилска реалност имало голем јаз меѓу богатите и сиромашните.
Дипломирала економија, а за претседател на Бразил се кандидирала од местото шеф на кабинет на популарниот претседател Инасио Луис Лула де Силва, кому му истекоа два законски предвидени мандата, период во кој Бразил се развиваше и напредуваше во секој поглед. Дилма е во политиката од својата 20-та година како дел на левицата и член на движењето на отпорот „Колина“, кое ја рушеше власта на хунтата.
Постојат тврдења дека учествувала во бомбашки акции, ограбувања на банки и киднапирања, но нејзините соборци тврдат дека таа ги координирала акциите, но никогаш не истрелала куршум.
Во 1970 година била уапсена и брутално измачувана во затвор со електрошокови. Била осудена на шест години затвор, но казната и' била намалена на три години. На слобода била пуштена во 1973 година. Набрзо се вработила во администрацијата и важела за вредна, прагматична и лојална службеничка.
Со доаѓањето на Лула на власт, многу работливи луѓе во Бразил добија шанса, а меѓу нив и Дилма. Била секретар за финансии во градот Порто Алегре и министер за рударство и енергетика на бразилската држава Рио Гранде де Сул. Од 1 јануари 2003 година била министер за енергетика и рударство, за подоцна да напредува до најблизок соработник на Лула - шеф на кабинет, функција што ја извршувала до 2005 година.
На политичката сцена е позната како политичар што се залага за општ прогрес, раст на производството и на работните места. Дилма зад себе има два брака, а и обата нејзини поранешни сопрузи исто така биле во отпорот. Од првиот сопруг брзо се развела, додека со вториот сопруг Карлос Аруја била во брак 30 години. Два пати се разделувале се' до разводот во 2000 година. Била болна од рак на лимфните жлезди, но успеала да ја победи болеста.
|
|